САД и Иран во средата се приближија до можен договор за прекин на војната, откако Вашингтон доставил нов предлог кој предвидува постепено отворање на Ормускиот Теснец и укинување на американската блокада на иранските пристаништа.
Според извор запознаен со разговорите, американскиот предлог бил претставен во меморандум од една страница, а деталните преговори за иранската нуклеарна програма би следувале во подоцнежна фаза. Сепак, изворот нагласил дека конечен договор сè уште не е постигнат.
Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со растечки политички и економски притисок поради конфликтот, кој доведе до пораст на цените на енергенсите и незадоволство кај американските граѓани. Според податоците на Американската автомобилска асоцијација, цената на бензините повторно ја надминала границата од 4,50 долари за галон, првпат од јули 2022 година.
Во исто време, финансиските пазари позитивно реагираа на можноста за договор. Акциите забележаа раст, додека цените на нафтата паднаа, при што американската сурова нафта се спушти под 100 долари за барел.
Трамп во повеќе наврати тврдеше дека договорот е блиску, но засега нема официјална потврда за конечен пробив. Во изјава за „Њујорк пост“, тој рекол дека можеби е „прерано“ да се зборува за директни разговори лице в лице за финализирање на договорот.
Според информациите, Иран во наредните два дена треба да испрати одговор преку посредство на Пакистан. Иранските државни медиуми веќе сигнализирале дека одредени делови од американскиот предлог остануваат неприфатливи за Техеран.
„САД ќе ја прекинат воената кампања и ќе ја укинат блокадата на Ормускиот Теснец доколку Иран се согласи со договореното“, напиша Трамп на социјалните мрежи. Тој додаде дека, доколку не дојде до договор, „бомбардирањето почнува“.
Во меѓувреме, можниот договор предизвика загриженост во Израел. Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху порача дека ќе продолжи со притисокот врз Иран сè додека не бидат демонтирани неговите нуклеарни, ракетни и паравоени капацитети.
Според Си-ен-ен, Нетанјаху веќе разговарал со американски претставници за подобро да ја разбере актуелната состојба и текот на преговорите.

