Од Левица-Град Скопје реагираат на, како што велат, сериозни проблеми во функционирањето на системот за наплата во ЈСП, обвинувајќи дека граѓани се казнуваат и покрај тоа што уредно плаќаат билет преку мобилен телефон. Според нив, доцнењето на потврдите за уплата, кое понекогаш трае и до половина час, создава конфузија на терен, додека контролорите, наместо да ги земат предвид техничките дефекти, изрекуваат казни. Од партијата ја критикуваат и градската власт за, како што наведуваат, нефункционално управување со јавниот превоз и недоволно решавање на долгогодишните проблеми во ЈСП.
КОНТРОЛОРИ ГИ КАЗНУВААТ ГРАЃАНИТЕ ЗА ДЕФЕКТИТЕ НА ЈСП – ПОРАКАТА ЗА ПЛАТЕН БИЛЕТ СТИГНУВА ПО ПОЛОВИНА ЧАС
Во град каде автобусот доаѓа како природна непогода – непредвидливо и ретко, сега граѓаните се казнувани и за дефектите на самиот систем на ЈСП!
До нас пристигнуваат информации дека граѓаните уредно плаќаат билет преку телефон, а пораката за успешно плаќање стигнува по 20-30 минути. Во меѓувреме, контролорите настапуваат како улични извршители – дрско, агресивно и без никакво разбирање за очигледниот дефект на системот пишуваат казни. Наместо да се насочат кон проблемот, тие се истураат врз граѓаните кои и онака се лишени од нормален и достоинствен јавен превоз.
И додека скопјани секој ден се вртат по преполни автобуски станици „чекајќи го Годо”, ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски продолжуваат да продаваат евтин ПИАР за подобрена состојба и скоро па решен проблем (којшто, впрочем, не смее да се заборави дека тие го создадоа поради каприц со екс-градоначалничката Данела).
Денес ЈСП не може навреме да испрати ниту обична порака за платен билет, но затоа експресно испраќа контролори да се закануваат и изживуваат врз патниците. Во системот на ДПМНЕ, секогаш најлесно е вината да му се префрли на граѓанинот, но никогаш на неспособното раководење.
Орце Ѓорѓиевски пред избори ветуваше дека хаосот во јавниот превоз ќе биде решен веднаш. Денес, единствено што е ʼведнашʼ е казната за граѓаните, додека дефектите, доцнењата и распадот на ЈСП со месеци никој не ги решава.
Апелираме до Ѓорѓиевски и директорот на ЈСП да им укажат на контролорите дека не треба граѓаните да ги третираат како измамници, туку оние коишто се расфрлале со ветувања за брзо решавање на проблемите, стои во реакцијата на Левица-Град Скопје.

