Локалниот огранок на Левица во Ѓорче Петров реагира на, како што наведуваат, серија скандали поврзани со ООУ „Мирче Ацев“, предупредувајќи дека емитувањето музика со насилна содржина во училишна средина може да придонесе за ширење малолетничка деликвенција. Од огранокот, посочуваат дека нивните претходни забелешки не биле прифатени од општинските образовни власти, а по најновите случаи на врсничко насилство најавуваат иницирање вонредна седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, со фокус на безбедноста на учениците и барање за итно разрешување на директорката на училиштето.
Со звуците на ,,Дисингерица” во воспитно-образовна установа, неминовно се поттикнува ширењето на малолетничката деликвенција. Ова е само уште еден од низата скандали поврзани со ООУ Мирче Ацев, во Општина Ѓорче Петров.
По предупредувањето од страна на советничката група на Левица – Ѓорче Петров за можните последици од емитувањето на музика со насилничка содржина, која многу лесно продира до малолетните деца, од секторот образование при Општина Ѓорче Петров, следеше арогантен одговор дека тоа е ,,Тренд” и забава за учениците, со која тие биле согласни.
Епилогот на ваквите девијантни појави го видовме овие денови со бруталното насилство на ученици, од истото училиште. Како советничка група Левица- Ѓорче Петров ќе иницира вонредна седница на советот на општината со единствена точка на дневен ред : Врсничкото насилство и безбедноста на учениците.
Заради низата скандали во изминатите години поврзани со истото училиште, како советничка група бараме ИТНО разрешување на директорката од ООУ Мирче Ацев, Гордана Насковска. Најавите за кривична одговорност на родителите чии деца се учесници во овој скандал, мора да бидат неселективни и над партиски, бидејќи Ѓорче Петров станува Општина на срам, потсмев и страв, соопштија од Локалниот огранок на Левица од Ѓорче Петров.

