Костиќ за врсничкото насилство во Ѓорче Петров: „Ова не е инцидент, туку општествена патологија“

  • Став на Катарина Костиќ

Секој ден поминувам покрај вовчето во Ѓорче Петров. Тоа е моето маало, тука сум порасната. Но, она што се случи таму не е само врсничко насилство тоа е чист садизам. Како 20 годишна студентка која живее тука, не можам и одбивам да останам рамнодушна на тоа што некои го нарекуваат пубертет.. детска игра..

Да изгориш врсничка со цигари и да ја тераш да го лиже подот додека снимаш со телефон не е инцидент. Тоа е патологија. Тоа е доказ дека како општество сме допреле дно од кое тешко се излегува.

Велат дека децата се огледало на општеството. Ако е така, тогаш она што го видовме е одраз на едно длабоко болно, дехуманизирано општество. Одбивам да молчам пред фактот дека насилството стана единствениот јазик што нашите млади го научија од оние кои треба да им бидат пример.

Овој случај не е изолиран инцидент. Тој е директен производ на три децении транзициско безредие, каде што вредностите беа заменети со моќ.. Кога институциите се заробени од партиски интереси, кога образованието е сведено на форма без суштина, и кога казната постои само за сиромашните добиваме генерации кои веруваат дека со тупаници и понижување се докажува доминација.

Живееме во систем кој не учи дека е во ред да газиш врз другиот за да се искачиш погоре. Гледаме политички елити кои ја понижуваат сопствената држава и народ , зошто би очекувале децата да се однесуваат поинаку?

Ова е реалноста на демократијата што ни ја сервирате , дечиња кои се однесуваат како криминалци затоа што државата им покажа дека насилството се исплати.

Не ни требаат лажни сочувства и празни ветувања дека „институциите работат на случајот“

Како млада девојка, згрозена сум од тоа во какви суштества се претвораат моите врсници, хранети со вашиот систем на неказнивост и врски.

Деца не палат месо со цигари и не снимаат понижување за забава. Тоа се мали реплики на овој трул систем што го изградивте.

Врсничкото насилство кај нас одамна прерасна во сериозна општествена патологија. Податоците алармираат дека речиси половина од учениците на возраст од 13 до 15 години доживеале врсничко насилство во и околу училиштата, што е поразителна статистика за една држава која претендира да биде дел од цивилизираниот свет.

Вистината е дека веќе е предоцна за предавања за љубов, емоционална писменост и човекови права

Како студент и левичар верувам дека безбедноста во нашите училишта не смее да биде празно ветување, туку основно право обезбедено преку итна мобилизација на стручни кадри психолози, педагози и социјални работници кои ќе работат директно на терен.

Оваа морална криза бара радикални институционални промени, вклучувајќи строга контрола на социјалните мрежи и цивилизирани казнено поправни домови, за да се прекине системското моделирање на агресивни генерации. Време е да престанеме да ги имитираме лошите примери и да изградиме систем каде што одговорноста е посилна од насилството.

Изборот е наш, но времето за молк одамна помина.