Кина бележи умерен, но стабилен економски раст во првото тримесечје од 2026 година, покажуваат податоците објавени од Национално биро за статистика на Кина, со пораст на бруто-домашниот производ и засилена индустриска активност.
Според официјалните податоци, бруто-домашниот производ (БДП) на Кина достигнал 33,42 трилиони јуани, што претставува годишен раст од 5 проценти, додека на квартално ниво е забележано зголемување од 1,3 проценти.
По сектори, најголем удел и раст има тертијарниот сектор (услуги), кој достигнал 20,62 трилиони јуани со раст од 5,2 проценти. Секундарната индустрија пораснала за 4,9 проценти на 11,61 трилиони јуани, додека примарниот сектор забележал раст од 3,8 проценти.
Индустриското производство продолжува со солидна динамика, при што додадената вредност на поголемите индустриски претпријатија е зголемена за 6,1 процент на годишно ниво. Особено се издвојува високотехнолошката индустрија со раст од 12,5 проценти, како и производството на опрема со раст од 8,9 проценти.
Потрошувачката, пак, бележи поскромен раст. Вкупната малопродажба изнесува 12,13 трилиони јуани, што е зголемување од 2,4 проценти, додека во март растот изнесува 1,7 проценти.
Инвестициите во основни средства достигнале 10,27 трилиони јуани, со раст од 1,7 проценти. Инвестициите во инфраструктурата се зголемени за 8,9 проценти, додека приватните инвестиции бележат пад од 2,2 проценти.
Надворешната трговија покажува силен раст, со вкупен обем од 11,84 трилиони јуани, што е зголемување од 15 проценти. Извозот пораснал за 11,9 проценти, а увозот за 19,6 проценти, при што трговскиот вишок изнесува 1,86 трилиони јуани.
На пазарот на трудот, просечната стапка на невработеност во урбаните средини изнесува 5,3 проценти, додека инфлацијата останува ниска, со раст на индексот на потрошувачки цени од 0,9 проценти.
Во однос на животниот стандард, располагаемиот приход по глава на жител достигнал 11.222 јуани, што претставува номинален раст од 5,1 процент, односно реален раст од 4 проценти.
Податоците укажуваат на стабилна економска активност, иако со забавена домашна потрошувачка и пад на приватните инвестиции, што останува предизвик за понатамошниот раст.

