Апелациониот суд во Скопје ја укина првостепената затворска казна за поранешниот телохранител на премиерот Христијан Мицкоски, Ангел Самараков, и предметот го врати на повторно судење. Самараков беше осуден на една година и шест месеци затвор за одавање службена тајна.
Според одлуката на Апелациониот суд Скопје, постапката против Ангел Самараков ќе се разгледува повторно на крајот од месецов. Првостепената пресуда беше донесена од судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, која го прогласи обвинетиот за виновен за одавање службена тајна.
Самараков, полициски службеник од Шестата управа за обезбедување ВИП личности, се товари дека во март 2025 година, на паркинг пред хотел во Велес, му предал службени документи на сведокот во постапката, Благоја Коруновски, со намера тие да бидат објавени на социјалните мрежи.
Според обвинението, за возврат требало да биде обезбедена парична корист од 50 илјади евра преку полициската службеничка Лелита Трајковска Миленкова. Обвинителката Ивана Трајчева претходно изјави дека, и покрај минатото на сведокот, неговите искази се поткрепени со видео-докази.
Одбраната, пак, тврди дека станува збор за незаконито поттикнување на кривично дело, нагласувајќи дека Самараков во минатото го уапсил Коруновски, кој бил во бегство. Дополнително, тие оспоруваат дека дел од документите воопшто претставуваат службена тајна.
Во текот на судската постапка беа презентирани видео-снимки на кои се слуша разговор за кривични предмети и можни парични договори, што обвинителството го користи како клучен доказ.
Со укинувањето на пресудата, случајот повторно ќе се најде пред суд, каде ќе се преиспитуваат доказите и наводите на двете страни.
Извор: Слободен Печат

