Изложбата „Поврзани / Connected“ на фотографот Виктор Соколовски во КИЦ

Во Културно-информативен центар во Скопје, во изложбениот салон „Империјал 2“, на 5 мај 2026 година во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Поврзани“ на фотографот Виктор Соколовски. Влезот за посетителите е слободен.

Изложбата „Поврзани / Connected“ претставува десетта самостојна изложба на Соколовски, кој е активен како фотограф од 2007 година. Во текот на својата кариера, тој се претставил со повеќе изложби во земјата и странство, вклучително и во Франција, како и на домашни фестивали и институции како Кинотека на Македонија и НТ Битола. Неговото творештво вклучува различни тематски циклуси, од документарни и театарски фотографии до музички портрети.

Соколовски долг период работи и како фотограф-дописник за регионалниот културен портал SEECULT, а неговиот интерес за музиката резултира со континуирано фотографирање на настани како Скопскиот џез фестивал и други културни манифестации.

Според Драги Неделчевски, авторот во своето творештво се издвојува со „храбро око за фатен момент и беспрекорна композиција“, нагласувајќи дека неговото искуство придонесува за „ловење на моментите во нивната најчиста форма“. Во контекст на актуелната изложба, Неделчевски посочува дека „двојната експозиција не проштава грешки, таа бара совршено усогласување на два света во еден кадар“.

Изложбата претставува продолжение на досегашниот авторски развој на Соколовски, со фокус на визуелно поврзување на различни слоеви и моменти преку фотографски израз.

Може да ве интересира