Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, во писмена изјава порача дека земјата ќе ги штити своите нуклеарни и ракетни капацитети како клучен дел од националниот идентитет и суверенитет.
„Деведесет милиони горди Иранци, во земјата и надвор од неа, ги сметаат сите научни, индустриски и технолошки достигнувања – од нанотехнологија и биотехнологија до нуклеарни и ракетни капацитети – за национална имовина и ќе ги штитат како што ги штитат водата, земјата и воздушниот простор“, се наведува во изјавата емитувана на државната телевизија.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, останува на тврдата позиција дека Иран не смее да развива ниту нуклеарна програма ниту балистички ракети, нагласувајќи дека тоа претставува глобална безбедносна закана.
Хамнеи не се појавува во јавноста од 28 февруари, кога беше ранет во воздушен напад на почетокот на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Оттогаш, комуницира исклучиво преку писмени изјави и официјални канали.
Во истиот напад највероватно беше убиен неговиот татко, Али Хамнеи, заедно со повеќе високи ирански функционери, што дополнително ја продлабочи политичката неизвесност во земјата.
Трамп во неколку наврати изјави дека останува нејасно кој ги носи клучните одлуки во Техеран, со оглед на отсуството на Хамнеи од јавноста, што отвора прашања за стабилноста на иранското раководство.
