Советничката Кристина Јаковчевска Чичова алармира за бруталното врсничко насилство во Ѓорче Петров и обвинува за институционална незаинтересираност и прикривање на проблемите во училиштата

Советничката од Левица во Советот на Општина Ѓорче Петров, Кристина Јаковчевска Чичова, обвини дека локалните власти покажуваат сериозна незаинтересираност за растечкото врсничко насилство во училиштата, кое, како што посочува, не е изолиран инцидент туку континуиран проблем. Таа информира дека на денешната седница побарала ова прашање да биде ставено на дневен ред и да се преземат конкретни мерки, но наместо одговори, добила тврдења дека Општината нема официјални информации. Јаковчевска Чичова предупредува дека недостатокот од стручни служби, отсуството на институционална одговорност и игнорирањето на проблемот создаваат сериозен ризик за образовниот систем и безбедноста на учениците.

Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:

Денес, како член на Комисијата за образование при Советот на Општина Ѓорче Петров, отворив прашање за бруталното врсничко насилство во општината кое ја згрози јавноста и побарав да биде точка од денешниот дневен ред.

Како советник, но пред сè како мајка, барав конкретни одговори и, како и на секоја претходна седница од мојот мандат, барав мерки!

За жал, Општината останува незаинтересирана до степен да наводно нема никакви официјални информации. Општината, наместо да биде првата линија на заштита, се повлекува во позиција на немање информации, како да станува збор за туѓа реалност, а не за наши училишта и деца.

Состојбата со малолетничката деликвенција и насилството во училиштата и општината не е изолиран инцидент туку континуитет кој особено тлее изминативе неколку години. Дел од тие случаи стигнуваат до јавноста и ја потресуваат, но уште пострашно е што значителен дел остануваат затрупани под тепих.

Особено загрижува фактот што извештаите од училиштата и од полициската станица речиси по правило се сведуваат на хвалоспеви, полирани слики кои не кореспондираат со реалноста што ја живеат учениците и родителите. Се создава привид на стабилност, додека под површината се акумулираат проблеми кои ги знаеме, а коишто полека, но сигурно, ја нагризуваат самата основа на образовниот систем.

Ѓорче Петров, некогаш препознатлива по квалитетно образование, со меѓу најдобрите училишта во државата и талентирани генерации, денес ризикува да стане симбол за нешто сосема спротивно.

Алармот не е само во она што го знае јавноста, туку во целината на случувањата, во мозаикот што се добива кога сите случаи ќе се стават еден до друг. Тогаш сликата не е загрижувачка, туку поразителна. И токму затоа е недозволиво институциите да остануваат неми на овој крик.

Дополнителен доказ за негрижата е хроничниот недостаток на стручен кадар. Ниту едно училиште во општината не располага со целосно екипирана стручна служба. Психолози и педагози се распарчени на по неколку училишта, како да се вишок, а не клучен столб во превенцијата и справувањето со насилството. Во таков систем, реакцијата е секогаш задоцнета, а превенцијата речиси непостоечка.

Дополнително, и покрај сите скандали, ниту еден директор не е повикан на одговорност.

Правецот во којшто се движиме е длабоко опасен и повеќе од загрижувачки. Тоа е патека по која проблемите не се решаваат, туку се акумулираат, се бранат кадри на власта, деца на пријатели и слично.

Денес, и покрај сериозноста на темата, ова прашање не беше детално разгледано поради другите точки на дневниот ред, што само по себе е симптоматично за приоритетите. Дополнително, службите од секторот за образование во Општината не беа ни присутни бидејќи биле на одмор.

Затоа, повторно и јасно, го повторувам барањето за итно свикување на целодневна, ако не и подолга седница на Комисијата за образование, со задолжително присуство на директорите на училиштата, стручните служби и претставници од полициската станица. Потребен ни е сериозен, концентриран институционален одговор, не декларативен, туку оперативен. Потребно е прецизно мапирање на проблемите и утврдување конкретни мерки, рокови и одговорност!