Скандал на натпреварот Македонија–Израел: Претседателот на Црвена Младина уапсен како криминалец поради палестинско знаме

Скандалозен и вознемирувачки инцидент го одбележа ракометниот натпревар меѓу Македонија и Израел, каде што полицијата брутално приведе млад активист поради мирно истакнување на палестинско знаме.

Станува збор за Андреј Куцуловски, претседател на „Црвена младина“, подмладокот на Левица, кој без никакво образложение бил оттурнат, ставен во лисици и однесен во полициска станица – како да станува збор за опасен криминалец, а не за млад човек што изразува став.

Според реакциите од Левица, во целиот процес не биле наведени основи за лишување од слобода, ниту било посочено какво било прекршување на закон. Дополнително, полициските службеници не се легитимирале, што отвора сериозни сомнежи за злоупотреба на овластувањата.

Од партијата остро реагираат дека додека вистински криминалци остануваат неказнети, институциите демонстрираат сила врз млади луѓе кои покажуваат солидарност и човечност. Според нив, ваквото постапување претставува опасен преседан и директен удар врз слободата на изразување.

Од Левица најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и институционални механизми за расчистување на случајот и утврдување на одговорност.

Официјална реакција од Министерството за внатрешни работи засега нема.