Во рамки на Саемот на книгата денеска ќе биде промовирано најновото поетско остварување на Ели Маказлиева насловена „Танцот на времето“ во издание на „Бата прес“.
Промотивна реч ќе има проф. д-р Елизабета Бандиловска, а стихови ќе чита и ќе го модерира настанот актерката Софија Насевска Трифуновска.
„Танцот на времето“ е современо поетско остварување кое носи лирска, емоционална и филозофска рефлексија за човековото постоење, минливоста на животот и препознатлива топлина што допира до универзалните теми во животот што брзо и ритмички минува.
– Книгата е ново, свежо поетско остварување во кое авторката со зрела поетска мисла на суптилен и длабоко емотивен начин низ стихови го истражува текот на времето и неговата минливост. Книгата е дело кое преку стихови создава жива сила што го обликува човекот, неговите чувства, спомени и соништа правејќи блискост до широк круг љубители на поезијата. Во два циклуси, преку лирски израз исполнет со сензибилитет и симболика, Маказлиева создава поетски свет во кој минливото добива трајност, а секој миг носи своја внатрешна тежина и значење, велат од „Бата прес“.

