Јованов: Според министерката за образование, институциите не можеле да направат ништо, ако родителите на насилниците не сакаат да соработуваат

Професорка Тамара Јованов, преку објава на социјалните мрежи ја критикуваше изјавата на министерката за образование дека институциите се немоќни доколку родителите на малолетните насилници не соработуваат, оценувајќи дека ваквиот став претставува сериозен институционален пропуст. Во својата објава, таа бара системот да постапува по службена должност, предлагајќи низа мерки, од исклучување на насилните ученици и вклучување на социјалните служби, до кривична одговорност за родителите и утврдување одговорност кај училиштата. Јованов предупредува дека, наместо заштита на жртвите, државата создава услови за нивна дополнителна трауматизација и повикува на итни и суштински реформи.

Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:

Според министерката за образование, институциите не можеле да направат ништо, ако родителите на насилниците не сакаат да соработуваат!?

Да соработуваат!?

Зошто е потребно одговорните за насилство воопшто да соработуваат?

За нив, напротив, треба да се погрижат институциите по службена должност:

1. Исфрлање на садистите од училиштето – за ваквите е доцна допрва да се работи со нив.

2. Упад на социјални служби дома – да се испита каква е улогата на родителите, дали имало запоставување, можеби злоставување.

3. Казнено-поправен дом за малолетниците, со општествено одговорна работа – нека чистат измет цело работно време, согласно тежината на криминалот. Таму нека се дошколуваат.

4. Покренување кривична постапка за за родителите ако службите утврдат одговорност.

5. Јавно објавување на родителите на насилниците – да ги знае јавноста кои се, наместо да се кријат позади статус, моќ или други механизми.

6. Испитување на одговорноста на вработените во училиштето – колку долго се случувало ова, зошто не е порано адресирано.

А на жртвата треба да и’ се пружи не само заштита, туку и работа со истата и семејството, за да се спаси колку може психата на тоа дете.

Оваа држава институционално ги штити насилниците, а дополнително и системски ги уништува жртвите!

И носете веќе забрана за социјални медиуми и смарт телефони за деца до 16 години!

Што се чека – некое масовно убиство по школите, па да плачеме колективно.

Ова не смее да биде уште едно од “чудата за три дена”!