Димитриевиќ: Зарем не сме способни како држава сами да ги стопанисуваме рудните богатства, приходите да одат во буџетот, а да се почитуваат еколошките стандарди и правата на работниците?

Адвокатот Александар Димитриевиќ преку објава на социјалните мрежи ја отвора темата за начинот на кој се стопанисуваат рудните богатства во земјата, споредувајќи ги високите приходи на рудникот во Радовиш со просечните плати на вработените. Тој наведува дека, според негови тврдења, голем дел од рудниците се управувани од странски компании кои, како што вели, немаат доволно чувство за последиците врз животната средина. Димитриевиќ се повикува и на претходни случаи на наводно загадување, меѓу кои и инцидентот во Тораница, поставувајќи прашања за одговорноста и за потребата државата самостојно да ги управува природните ресурси.

Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

Само за споредба рудникот во Радовиш заработува по 100 милиони евра годишно додека просечна плата на вработените е околу 40.000денари.

Нашите рудници ги стопанисуваат странци кои немаат чувство за државата и баш им е гајле за последиците од загадување на природата.

Имаше пример кога од рудникот во Тораница се загади реката со олово и цијанид и сеуште нема никаква одговорност од никого.

Зарем толку не сме способни како држава ние да ги стопанисуваме сами нашите рудни богатства, и сиот приход да влегува во буџетот а притоа да ги запазаме сите стандарди за заштита на животната средина и секако нашите работници да примаат плати како што заслужуваат.