Велков: „Не ви веруваме – законите за рударство се ‘прст во око’ на граѓаните“

Еко-активистот Крум Велков жестоко реагираше на најавените законски измени поврзани со рударството, обвинувајќи ја ДПМНЕ за манипулација и обид за протнување на, како што вели, антиеколошки решенија. Во објава на социјалните мрежи, тој изрази недоверба кон власта и предупреди дека евентуалното усвојување на законите ќе значи директно спротивставување на волјата на граѓаните.

ПРСТ В ОКО

(Не ви веруваме)

На официјалното неделничко соопштение (во коментар) на ВМРО-ДПМНЕ гледаме како на официјална манипулација преку:

1. Обид за санација на штетата што си ја предизвикаа изминатава недела со скандалозните анти-еколошки предлог закони;

2. Обид за охрабрување и морално оправдување, за пратениците утре да гласаат за предлог законите, во ситуација кога (дознаваме) повеќемина нивни пратеници не се подготвени да гласаат.

Не ви веруваме. На проблемот со рудниците и екологијата веќе 10 години не сте дале сериозна причина да ви веруваме. Напротив. За каква тоа државна контрола зборувате, кога со предлог-законот за рударство, на пример, сакате да овластите 5-6 лица да одредуваат што е стратегиски интерес? Зошто воопшто инсталиравте министерство за рударство, во земја која е толку мала, што и постојните два рудника за металични минерали недопустливо ја загадуваат? Зошто се обидовте да ги протнете предлог законите по скратена постапка, практично скришно? Зошто сакате да ги прескокнете локалните самоуправи? Јавноста, граѓаните? Зошто конечно не прифатите дека народот не сака рудници?

Не сте не убедиле. Не ви веруваме. За да почнеме, прво што треба да направите е еднаш засекогаш да ја затворите темата рудници на смртта, да расчистите со, благо речено, рударското лоби во вашите редови, кое дејствува за странски интереси, а потоа да се зафатите со еколошка еманципација на вашите функционери.

Утре, задутре, ако ги изгласате предлог законите, ќе му брцнете прст директно в око на сопствениот народ.

Ќе ве казни, напиша тој на својот Фејсбук профил.