Телевизија Словенија оваа година нема да го емитува музичкото натпреварување Евровизија, туку во термините предвидени за полуфиналните вечери и финалето ќе прикажува специјален програмски циклус со наслов „Гласови на Палестина“.
Според објавените информации, програмата ќе се емитува од 10 до 20 мај и ќе вклучува документарни филмови, дебатни емисии и аналитички содржини, кои ќе ги осветлат личните приказни на луѓето, како и поширокиот контекст на актуелните случувања на Блискиот Исток.
Циклусот започнува на 10 мај со документарната емисија „Близнаци од Газа, вратете се кај мене“, која преку приказна на едно семејство ги прикажува последиците од војната и значењето на семејните врски. Во следните денови ќе бидат емитувани повеќе документарци и играни филмови, како и специјални дебатни емисии со експерти.
Меѓу содржините се издвојуваат документарниот филм „Единствена земја“, кој ја следи соработката меѓу палестински активист и израелски новинар, како и играниот филм „Гласот на Хинд Раџаб“, кој претставува реконструкција на потресна приказна за спасување на палестинско девојче. Дополнително, емисијата „Досие“ ќе ги анализира политичките и етичките дилеми поврзани со самата Евровизија.
Иако одлуката формално не е експлицитно соопштена, од програмската шема јасно произлегува дека Евровизија нема да биде емитувана, бидејќи сите термини се пополнети со содржини од циклусот „Гласови на Палестина“.
Оваа одлука доаѓа по претходното повлекување на Словенија од натпреварот, како реакција на дозволата Израел да учествува, што предизвика незадоволство кај повеќе јавни сервиси.
Покрај Словенија, уште неколку земји, меѓу кои Шпанија, Ирска, Холандија и Исланд, одлучија да не учествуваат на натпреварот поради ситуацијата во Газа и учеството на Израел.
Со овој програмски циклус, Телевизија Словенија нагласува дека ја исполнува својата јавна мисија, нудејќи содржини што поттикнуваат дијалог, разбирање и критичко размислување за актуелните глобални прашања.

