Локалниот огранок на политичката партија Левица од Кисела Вода поднесе иницијатива до Советот на Општина Кисела Вода за разрешување на директорот на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Горанчо Јакимов, наведувајќи, како што тврдат, сериозни неправилности во работењето на училиштето.
Според нив, дел од родителите реагирале на нетранспарентен избор на туристички агенции за училишни екскурзии, при што со години наназад, како што се посочува, ангажман добивала иста агенција. Дополнително, се наведува дека цените за екскурзиите биле повисоки во споредба со други училишта за слични услуги.
Од Левица – Кисела Вода тврдат и дека постои случај во кој јавен повик за избор на туристичка агенција бил поништен откако се појавила конкуренција, што, според нив, отвора прашања за регуларноста на постапката. Во нивното соопштение се споменуваат и наводи за притисоци врз родители кои барале поголема транспарентност, како и случај на родител кој бил разрешен откако укажувал на, како што велат, неправилности.
„Родителите треба да бидат партнери, не замолчени“, порачаа од партијата, додавајќи дека образованието не смее да биде простор за договори зад затворени врати. Тие бараат утврдување на одговорност, целосна транспарентност во постапките и враќање на довербата во училиштето.


