„Микрокосмоси полни неба“ е насловот на изложбата на авторот Виктор Јаневски, што ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во кафе „Тафталиџе“ во Скопје. Природните појави и феномени го привлекувале вниманието на човекот, од самите негови почетоци, па сѐ до денес, побудувајќи чувства на фасцинираност, возвишеност, па дури и страв. Циклусот „Небесогорие“ на младиот уметник Виктор Јаневски, составен од минијатури, како главна тематика во себе ги содржи токму тие природни појави. Останувајќи во доменот на предметното, Виктор таа фасцинираност успева да ја пренесе низ неговите дела. Одбирајќи различни моменти од таквите појави (од облак па сѐ до далечните ѕвезди), ликовно проследени во еден експресионистички стил и со специфичен колоритен сензибилитет, уметникот им дава посебна амбиенталност на своите дела – тие се лесно приемливи и прифатливи за публиката, вели Марјан Минов, историчар на уметноста.
Освен чувството на возвишеност, присутна во целиот циклус, Виктор Јаневски во своите дела исклучува подлабока философска експертиза и останува само во доменот на ликовното и естетското – оставајќи му на гледачот да ужива во ликовната експликација на она што е секогаш над нас; на она сега за сега, недофатливо и недостижно, а секојдневно присутно.
Виктор Јаневски е роден 1994 година во Скопје. Завршил Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, дипломирал на катедрата по вајарство кај Проф. Жарко Башески, подоцна магистрирал на катедрата по сликарство кај Проф. Жанета Вангели на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје.
Има реализирано пет самостојни и учествувано на неколку групни изложби.
По отварањето на изложбата за музиката ќе се погрижи Ана Бунтеска.

