Ѓуровски: Ормутскиот теснец и инфлацијата која нема да биде само удар, туку долг бран на кој мора одлучно и ефикасно да се реагира

Пишува: Игор Ѓуровски- Заменик координатор на сектор Политичка Економија при политичката партија Левица

На 28ми Април светот ќе навлезе во третиот месец на вооружен конфликт помеѓу САД и Израел од една страна и Иран од другата. Поради првостепеното стратегиско значење на регионот во кој овој конфликт се одвива, а најмногу поради Хормутскиот Теснец кој во моментов е затворен за комерцијални потреби, целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија веднаш ги почувствува негативните последици кои се матерјализираа првенствено со поскапи цени на на нафтата, односно на нафтените деривати како што се бензините, дизелот, течниот нафтен гас и авионското гориво. 

Но не поскапеа само енергенсите. Поскапеа и сите продукти чие производство е енергетски интензивно и кои имаат долги ланци на снабдување, транспорт и дистрибуција. 

Но да го оставиме светот настрана и да се фокусираме на Македонија. 

Поради повисоките цени на нафтата и нафтените деривати кои веднаш го обременија стандардот на граѓаните, следуваше и поскапување и на раноградинарските производи од оранжериското производство кое за затоплување исто така ги користи овие енергенси, а дел од поскапувањето се должи и на нивниот поскап транспорт. 

Исто така поскапе и енергетски интензивното индустриското производство каде се користат термички процеси кои користат нафтени деривати, а поскапе и производството кое се потпира на суровини и полупроизводи кои се набавуваат, транспортираат и увезуваат од трети земји.

Последно, но не и најмалку битно за Македонија (за која сите тврдиме дека треба да биде држава со современо земјоделство), се крие во фактот дека регионот на Персискиот Залив, опфатен со воените дејства е еден од најголемите извори на суровини потребни за производство на вештачко ѓубриво. Поскапите вештачки ѓубрива или нивниот недостаток ќе биде катастрофален за и онака кревкото и несигурно домашно производство на храна и земјоделски производи.

Сите овие примери, но и многу други кои поради ограничениот простор не би ги набројувале, укажуваат дека Македонија ја чека период на неизвесност, инфлација, зголемени трошоци за живеење и намалување на производството во сите сфери на економијата, но за жал можеби и бран на отпуштање на работници кои работат во компании кои оваа состојба не би ја издржале.

За жал, за голем дел од овие проблеми неолибералниот економски модел кој владее во последниве триесет и пет години едноставно нема одговор и со истите не може да се справи. 

Сите досегашни влади, без разлика дали биле социјал-демократски или крајно десничарски како оваа сегашнава на ВМРО-ДПМНЕ и неговите помали сателити, не развиваа уникатен економски модел кој би бил идеален за македонскиот економски, финансиски, ресурсен и кадровски потенцијал, туку слепо и некритички “увезуваа” модели и мерки кои можеби биле ефикасни во други држави кои имале сосема различни состојби и потенцијали!

Крајно време е за ПРОМЕНИ!

За ефикасно и навремено справување со дел од проблемите, како прво и час поскоро се потребни силни кадровски промени на политичкиот, но и стручниот дел кој во моментов со криминална неефикасност менаџира со клучните институции во државава.

Без да се осврнуваме на политичките или други припадности, сега како никогаш до сега на Македонија и треба експертски тим кој силно ќе се потпира не на политика волја, туку на своето знаење и искуство, но и да има слух за стручност, совети и идеи од пошироката експертската јавност.

На Македонија и требаат способни луѓе кои треба да направат:

  • Ургентен план кој би укажал што треба да се прави во следните 6-12 месеци.
  • ПРВА ПЕТТОЛЕТКА – ЕНЕРГИЈА и ХРАНА, брз увоз и усвојување на технологија која би не поставила на колосек за напуштање на економија базирана на фосилни горива, изградба на електрична мобилност, масовно и планирано зголемување на енергетскатс ефикасност и независност, поттикнување на производство на алтернативни природни ѓубрива како и конкурентно и ефикасно производство на храна и земјоделски производи. 
  • ВТОРА ПЕТТОЛЕТКА – преку увоз на современи и конкурентни технологии зголемување на независно ДОМАШНО ИНДУСТРИСКО ПРОИЗВОДСТВО базирано пред се врз искористување на суровините, реалниот човечки потенцијал и географијата на Република Македонија.
  • ТРЕТА ПЕТТОЛЕТКА – БРЗ НАУЧЕН И ТЕХНИЧКО ТЕХНОЛОШКИ развој кој би се базирал на научените знаења и искуствата од претходните петтолетки и би ја открил следната димензија на економски, но уште поважно и цивилизациски развој на Републиката.

Трите ПЕТТОЛЕТКИ не треба да бидат цели сами за себе и сами по себе, ниту пак меѓусебно да ги исклучуваат мерките и задачите кои се зацртани, туку да бидат еластичен, неригиден и самоприспособлив амалгам кој ќе се менува во зависност од моменталните услови, но и потребите на граѓаните. 

Ние мораме да ја напуштиме политиката на менување на правец на секои четири години и мораме да имаме зацртани планови ако не за подолг период, тогаш барем за следните петнаесет години. Само на овој начин можеме да создадеме стабилен и предвидлив екосистем во кој безбедно и без поголеми проблеми ќе им обезбедиме раст и успех на граѓаните, компаниите и економијата во целост.