По трагичниот настан со загинатиот градежен работник во скопската населба Кисела Вода, експертската јавност повторно алармира за сериозни пропусти во почитувањето на градежните и инженерските стандарди. Случајот отвори низа прашања за безбедноста при изведување градежни работи, особено кај ископи и изведба на објекти со подземни нивоа.
Според објавата на „Engineer Cast“, ваквите несреќи се јасен показател дека градежните јами не смеат да се третираат само како технички цртежи, туку бараат целосен и строг инженерски пристап, заснован на детални анализи и почитување на стандардите.
Експертите потсетуваат дека за објекти со површина над 300 квадратни метри задолжително е изработка на геотехнички елаборат, но укажуваат дека според европските стандарди (Еврокод) тоа претставува само основа, а не доволна заштита. Во практиката, особено кај објекти со повеќе подземни нивоа или во густо изградени урбани средини, неопходни се и детални геотехнички проекти.
Посебно внимание се посветува на заштитата на градежните јами. Кај објекти со две или три подземни нивоа, инвеститорите имаат обврска да обезбедат соодветни инженерски решенија, како што се колови, дијафрагми или други потпорни системи. Стручњаците предупредуваат дека секое отстапување или непочитување на овие мерки може да резултира со сериозни последици, вклучително и загуба на човечки животи.
„Зад секоја бројка стои човечки живот“, порачуваат од „Engineer Cast“, апелирајќи за поголема одговорност, координација и стриктна примена на правилата од страна на сите учесници во градежниот процес.
Од таму изразуваат и сочувство до семејството на загинатиот, нагласувајќи дека ваквите трагедии мора да бидат пресвртница кон системски промени во начинот на планирање и изведба на градежните проекти.
Дополнително, експертите посочуваат и на честите несогласувања меѓу архитектонските и инженерските пристапи. Според нив, архитектонските решенија често го максимизираат искористувањето на просторот, што понекогаш остава недоволно простор за неопходни геотехнички мерки. Таквиот пристап, предупредуваат тие, може да ја загрози стабилноста на теренот, како и безбедноста на работниците и околните објекти.

