Корнети: Од јавен сервис до зависен медиум – каде згреши МРТ?

  • Став на Мелпомени Корнети, поранешен заменик министер за култура (2002-2006) и поранешен амбасадор на Република Македонија во Турција

Македонската Радио телевизија е ЈАВЕН СЕРВИС и по тоа е различна од сите други електронски медиуми во државата. Не случајно е (беше) посебно утврдена и процедурата за избор на нејзин генерален директор.

Јавен сервис е инстиуционален модел, што го имаат сите држави, членки на Европска Унија, здружени во Европската радиодифузна унија и се поставени како своевиден гарант на демократијата.

Нивна мисија се слобода на говорот во служба на целокупната јавност, радио и тв производство на програма која третира области од национален и јавен интерес, архивирање на продукцијата на долг рок /според значењето итн.

Мисијата на јавниот сервис е неостварлива без јасно утврдена програмска политика (со општествено базирана “консултација”) и кадар, оспособен и доследен на целите на оваа куќа.

Одговорноста на раководните и на одлучувачките структури кон МРТ е дотолку поголема, што таа е основана/како Радио Скопје, веднаш по ВСВ и е еден од незаменливите атрибути, вграден во темелите на државата.

Поради тоа, личноста на чело на институцијата треба да има професионален капацитет, морален интегритет и нагласена одговорност кон доверената должност и кон сите сегменти на институцијата, нашата Македонска Радио Телевизија.

Програмскиот совет кој е соочен со избор на Генерален директор, има целосна одговорност за иднината на јавниот сервис. Огромен труд, пожртвуваност, креативност и прифесионализам се вложени од генерации дејци, вработени за реализација на продукцијата достојна за почит во сите области – историскиот развој на Република Македонија, образованието, култура, спорт, млади, економија, политика..

Постоењето на јавниот сервис нужно значи дека МРТ на тој начин треба и во иднина да ја врши својата мисија. Во овој контекст, треба да се истакне дека јавните сервиси во другите поранешни ју републики (РТС, ХРТ, РТСло) ги надминаа транзициските предизвици без поголеми трауми. Потоа се консолидираа и продолжија да ја вршат улогата што им припаѓа.

МРТ е деградирана, за жал, особено во последните децении на плурална демократија, со поставување погрешни раководни лица/менаџери кои не разбираа или (во име на менторите) не сакаа да разберат што е тоа јавен сервис!

Друг силен удар врз јавниот сервис, беше предизборното (со посебна кампања за месечна заштеда од 190 мкд!) укинување на финансирањето од граѓаните и префрлување врз буџетот на државата. Со тоа се прекина нишката меѓу јавноста и медиумот, и можноста таа да има влијание врз програмската политика на МРТ, а дефинитивно, главниот збор го презема владата, без реална демократска контрола.

Да се надеваме дека Програмскиот совет е свесен за својата одговорнот и за шансата што ја има – да направи пресврт кој ќе донесе оптимизам за иднината на МРТ!