Апасиев: Максималната основица ги привилегира супербогатите додека работниците плаќаат 100% придонеси

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше постојната регулатива за придонеси од задолжително социјално осигурување, тврдејќи дека таа создава сериозна нееднаквост во даночниот систем. Според него, законското ограничување на максималната основица за плаќање придонеси овозможува највисоките приходи да останат делумно неданочени, што, како што наведува, директно ги фаворизира најбогатите, наспроти работниците со ниски примања. Апасиев најави дека предложените измени имаат за цел да стават крај на оваа, како што ја нарекува, „нефер практика“, за што конечната одлука се очекува на собраниска седница.

Приметувам дека многу граѓани (и новинари) не ја контаат суштината на измената на Законот за придонеси од задолжително СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ која ја поднесовме во Собранието, па ај си викам попластично да ја објаснам, преку пример од праксата…

Кај нас постои нешто идиотско, што се вика МАКСИМАЛНА ОСНОВИЦА за плаќање придонеси!? Таа основица е фиксирана на 16 просечни плати (во пари, тоа би му дошло околу 16.500 ЕУР).

Е сега, се’ што се плаќа како плата над оваа сума – останува НЕОДАНОЧЕНО!? Значи, законот ги привилегира супербогатите!!!

Па така, највисоката исплатена месечна плата минатата година во Македонија била околу 325.000 ЕУР!!! На овој што зима волкава ненормална плата, нашата луда држава му ја опростува сумата над “максималните” 16.500 ЕУР (и го спонзорира за рестото, па воопшто не му ги рачуна приходите над шеснаесете илјади евра)?

Контате сега? На ултрабогаташов му даночи само 16.500, ама не му даночи +308.000 ЕУР!? Значи, му дава дисконт/попуст од дури 95% (а му даночи само 5% oд реалните приходи)! Ама затоа, пак, 100% го даночи РАБОТНИКОТ кој зема минималец!?

Ете затоа, секој ден во Македонија БОГАТИТЕ стануваат се побогати, а сиромашните се посиромашни.

p.s. Дали на оваа НЕФЕР практика ќе и се стави крај, ќе знаеме утре на собраниска седница.

#ДаТиНацртам

#КласнаСвест

#СоцијалнаДржава