Си Џинпинг и Мохамед бин Салман разговараа за кризата на Блискиот Исток

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, на 20 април оствари телефонски разговор со престолонаследникот и премиер на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, при што фокусот бил ставен на актуелната ситуација на Блискиот Исток и регионот на Заливот.

Во разговорот, Си нагласил дека Пекинг повикува на итен и сеопфатен прекин на огнот, како и на засилување на дипломатските напори за стабилизирање на состојбите. Тој истакнал дека Кина ги поддржува сите иницијативи што придонесуваат за враќање на мирот и се залага за решавање на споровите исклучиво преку политички и дипломатски средства.

Кинескиот претседател потенцирал и дека одржувањето на непречената пловидба низ Ормутскиот теснец е од клучно значење за заедничките интереси на земјите од регионот и меѓународната заедница.

Воедно, Си порача дека Кина ќе продолжи да ги поддржува земјите од регионот во градењето добрососедски односи, економски развој и безбедносна соработка, со цел обезбедување траен мир и стабилност на Блискиот Исток.