Мојсоска: Невработените сами плаќаат здравствено осигурување – Левица ќе поднесе законски измени

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, реагираше и побара промена на законските одредби според кои дел од невработените лица самостојно ги плаќаат придонесите за здравствено осигурување, оценувајќи дека државата со тоа не ја исполнува улогата на социјална држава како што е дефинирана по Устав.

Бидејќи директорот на ФЗОМ Клековски сака да говори за социјална држава и колку граѓани се здравствено осигурани – директорот треба да каже колку невработени лица се должни сами да ги уплаќаат придонесите за здравствено осигурување?!

Македонија само на хартија е социјална држава, затоа што во закон се предвидени небулозни одредби лице кое останало без работа само да си уплаќа придонес за здравствено осигурување од 2.000 денари, затоа што минатата година остварил вкупен приход од смешна сума од 200.000 денари!

Може и директорот Клековски да каже дали невработено лице кое претходно имало плата од нешто над 20.000 денари – може да тргне заштеда за сам да си уплаќа придонес кога ќе остане без работа?

Токму пратениците од Левица предлагаме да се тргне оваа небулозна законска одредба и лице кое ќе остане без работа автоматски да добие здравствено осигурување на товар на државата.

Во држава која создаде толку милионери и милијардери, невработени лица кои работеле на минималец сами си плаќаат здравствено осигурување – затоа што властите повеќе трошат на аспарагуси и папаја отколку на квалитетен систем на здравствена заштита.

Може да ве интересира