Левица предупредува на сериозни демографски предизвици, повикувајќи се на проекциите на Државниот завод за статистика, според кои до 2070 година во земјава драстично ќе се намали бројот на млади.
Според изнесените податоци, бројот на деца до десетгодишна возраст би се свел на околу 3.700, додека лицата под 30 години би биле нешто над 3.000. Истовремено, се очекува значително зголемување на повозрасното население, при што најбројна категорија ќе бидат граѓаните над 70 години, а пензионерите ќе го надминат бројот на работоспособното население.
Од Левица оценуваат дека ваквите трендови укажуваат на „забрзано изумирање“ на државата, додавајќи дека постојните политики не нудат ефикасни решенија за зголемување на наталитетот и задржување на младите.
Партијата посочува дека, за разлика од европските земји кои применуваат системски мерки како детски додатоци и даночни олеснувања, во Македонија, според нив, се спроведуваат ограничени и недоволни политики. Воедно, се потенцира дека укинувањето или пренамената на одредени родителски надоместоци не дало резултати во зголемувањето на раѓањата.
Како дополнителни фактори за иселувањето на младите се наведуваат ниските плати, несигурните работни места и високите трошоци за живот.
Од Левица ја критикуваат ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека и покрај декларативните заложби за подобрување на демографската состојба, недостасуваат конкретни мерки.
Партијата апелира за итно воведување на стимулативни демографски и младински политики, предупредувајќи дека во спротивно, во наредните децении земјата ќе се соочи со сериозен дисбаланс во старосната структура на населението.

