Киднапирана 28-годишна жена, силувана, тепана и три дена држена во заробеништво

Дваесет и осумгодишна жена од скопско пријавила во полиција дека била насилно киднапирана, држена против своја волја и физички малтретирана од нејзиниот поранешен партнер, информираат од МВР.

Според пријавата доставена утрово околу 04:00 часот во СВР Скопје, настанот се случил на 17 април во Дебар, каде што жената престојувала со нејзиниот сегашен вонбрачен партнер. По излегување од угостителски објект, таа била присилно внесена во патничко возило од страна на нејзиниот поранешен партнер И.В., додека возилото го управувало друго лице.

Како што навела, била однесена во куќа на роднина на осомничениот во село во скопскиот регион, каде што против нејзина волја била задржана до 20 април. За време на тридневното заробеништво, таа била изложена на физичко насилство и сексуален напад од страна на поранешниот партнер.

Жената успеала да побегне на 20 април околу 19:30 часот, по што го пријавила случајот во полиција.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и дека по негово документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави против инволвираните лица.