„Ај честито, злато си“: Порака од Димитровска до ревизор што полагал во нејзино име

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, се најде во центарот на судски процес откако Обвинителството презентираше пораки кои, според нив, укажуваат дека ревизор полагал тест во нејзино име за добивање сертификат со највисок степен на доверливост, „државна тајна“.

Според доказите изнесени во судница, Димитровска му ги доставила своите корисничко име и лозинка на ревизорот Миле Столевски, кој потоа го полагал тестот наместо неа. Во пораките, тој ја информирал дека ќе започне со полагањето, на што таа му одговорила „Ради ДКСК, ај со среќа“, а подоцна се интересирала за текот на процесот.

Обвинителството ја товари Димитровска за компјутерски фалсификат и одавање службена тајна. Според нив, тестот бил полаган со цел таа да добие соодветен сертификат по нејзиното именување во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Таа претходно поднесе оставка од функцијата претседател на Антикорупциската комисија, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог од Јавното обвинителство. Судскиот процес продолжува со изведување на докази и сослушување на сведоци.