Спас за Гевгелија: Скратената постапка за рударските закони е закана за државата

Граѓанското здружение „Спас за Гевгелија“ остро реагира на иницијативата на пет пратеници за измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии по скратена постапка, оценувајќи ја како скандалозна и штетна за јавниот интерес. Од здружението предупредуваат дека со ваков пристап се заобиколува јавната дебата за едно од најсуштинските прашања, управувањето со природните ресурси, што според нив може да има долгорочни и неповратни последици врз животната средина, здравјето на граѓаните и иднината на државата.

Во Собранието на Македонија, пет пратеника покренале постапка за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и тоа по СКРАТЕНА ПОСТАПКА. Ова е скандалозно и неприфатливо однесување и претстваува демонстрација на злоупотреба на власта во државата. Не е дозволено, за вакво суштинско прашање, да се прескокнува јавната дебата, ставовите и мислењето на граѓаните и стручната јавност. На сличен начин се решаваа прашањата за новата територјална поделба , промената на знамето и името на државата, што остави тешки трауми во општеството, со последици кои ќе траат со децении.

Со носење на неиздржани и неаргументирани решенија во рударството, негативните импликации врз човековата природа и околина ќе траат со векови, а ќе влијае и врз опстанокот на македонската држава. Ако се знае дека овој закон го регулира начинот и постапката на добивање на дозволи за геолошки истражувања и експлоатација за рудните богатства на државата, тогаш е јасно какви импликации овој закон има врз човековата околина и граѓаните на државата, посебно за држава како Македонија. Држава чие најголемо богатство се нејзините планини, реки ,езера, единствената флора и фауна, што ја прави како еден од ретките еколошки бисери во Европа.

Рударството е најзагадувачката и најсмртоносната индустрија во светот. Не постои регион или држава во светот каде рударството донело развој, прогрес или просперитет. Напротив, тоа се најсиромашните и најнеразвиените региони со комплетно и неповратно уништена човекова околина, уништени градови и села, раселени цели региони, класичен екоцид.

Пратениците во парламентот на Македонија не смеат да учествуваат во оваа предавство на сопствената држава и сопствениот народ. Само еден или два рудника ќе ја уништат Македонија.

Предавствата што ги направија вашите претходници, кога-тогаш ќе ги исправиме, повторно ќе го вратиме знамето, ќе направиме нова територијална поделба, ќе го вратиме името. Но, со вакво евентуално ново предавство никогаш нема да ја вратиме тотално уништената природа во кривопаланечко, пехчевско, беровско, струмичко, гевгелиско, кавадаречко, со стотици илјадници новоиселени граѓани. Армагедон за цела Македонија.

За оние кои не знаат или не веруваат дека тоа е крајниот резултат од рударството, седнете, отворете интернет, поставете прашања, уверете се каква катастрофа прави рударството, без исклучок, било каде во светот. Немојте да слушате приказни на платеници или квази експерти по рударство, кои во животот немаат видено рудник. Квази-експерти кои не ни погледнале како неколку микро-рудници, како Бучим, Злетово иТораница ги оставија најзагадените почви и води во Македонија, поради кои илјадници и илјадници луѓе го изгубија своето здравје и животи.

Земјиштата покрај јаловиштата во Пробиштип, Велес, Лојане и Тополница се контаминирани до тој степен што согласно европските норми тие подрачја треба да бидат иселени и забранети за живеење.

Почитувани пратеници, не дозволувајте го оваа злосторство врз своите семејства, деца, внуци, другари, пријатели, врз сите граѓани на Македонија. Носењето на овие Закони е злосторство против сопствениот народ. Послушајте ги своите сограѓани, кои со години се борат, и не дозволувајте да ја уништат Македонија. Во спротивно граѓаните ќе мораат сами да ја одбранат својата иднина. И ќе го направат тоа.

СИЛАТА Е ВО НАРОДОТ!!!

ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА!!!

Може да ве интересира