„Луција“ е насловот на дебитантскиот роман на Лилјана Грџо Дамовска, кој деновиве излезе од печат во издание на „Сакам книги“. Според рецензентката на книгата, новинар, филмски теоретичар и критичар, Ана Василевска, во еден поширок контекст, „Луција“ е важен роман затоа што отвора нова страница во македонската проза за жената по четириесеттата, лик кој досега ретко добивал комплексен книжевен третман. Во таа смисла, додава Василевска, романот на Дамовска може да се чита како дел од една нова, зрела женска проза која се движи помеѓу интимната исповед и општествената критика.
– Во дебитантскиот роман „Луција“, Дамовска успева да направи нешто што ретко им успева дури и на зрели автори, а тоа е да го претвори секојдневието во литература, а интимниот немир во уметничка форма. Ова не е изненадување, особено кога доаѓа од перото на новинарка со повеќедецениски габарит во полето на културата и уметноста. Нејзиниот раскажувачки глас е истовремено рационален и топол, како да го води ликот низ сите неизречени прашања за животот, телото и љубовта. Луција не е само жена во годините на својата секундарна младост; таа е идеја за зрелоста, за достоинството и за преиспитувањето на себеси во свет што веќе не нуди одговори, туку огледала, посочува Василевска. Таа укажува дека Дамовска ја пишува „Луција“ како хроника на едно женско освестување, но без декларативен феминизам што ја истиснува женственоста, ги негира трепетот и кршливоста на жената.
– Нема борбени пароли, туку има внатрешни пресметки, нечујни бунтови, ситни, речиси невидливи победи. Луција не паѓа во клишето на „жена што сака да почне одново“, туку во многу посуптилна траекторија, таа е жена што сака да се разбере себеси по сите „завршени“ животни циклуси. Меѓу желбата и навиката, меѓу сигурноста и копнежот, таа стои како огледало на нашата современа психолошка состојба: исполнетост без мир… посочува Василевска.
Лилјана Грџо Дамовска (1960) е дипломиран новинар, магистер по културолошки студии, колумнист, коментатор, која целиот работен и животен век го посвети на новинарството. Беше уредник во „Дневник“, главен уредник на магазинот „Теа модерна“, творец и главен уредник на „Леона магазин“, помошник на главниот уредник на весникот ВЕЧЕР, уредник на додатоци и прилози. Нејзините колумни со наднаслов „Огледало“ беа критичко огледало на културни, социјални и општество-политички појави и настани, а се објавени во книгата „Светска женска“ (2015). Автор е на стотици интервјуа со извонредно значајни личности од земјава и од странство. Значаен поддржувач на културниот активизам, инициjатор на фестивали, здруженија, како и за воспоставување награди и признанија на заслужни уметници од различни области на културата.
Книгата ќе го има првиот контакт со читателската публика на штандот на „Сакам книги“, на 24 април во 18.30 часот, во рамките претстојниот саем на книгата што ќе се одржи од 23 до 29 април во Скопје.

