На денешен ден, пред 44 години, почина Ацо Шопов – еден од основоположниците на современата македонска поезија

На денешен ден, 20 април, во 1982 година во Скопје почина Ацо Шопов , еден од најзначајните македонски поети, преведувач и член на Македонска академија на науките и уметностите. Неговото творештво остави длабок белег врз развојот на современата македонска литература и културниот идентитет.

Роден во Штип во 1923 година, Шопов уште како млад се вклучува во револуционерното движење, станувајќи член на Сојуз на комунистичката младина на Југославија во 1940 година. Во текот на Втората светска војна учествува во антифашистичката борба како дел од Третата македонска ударна бригада. По ослободувањето, дипломира филозофија во Скопје и се посветува на издавачката дејност, работејќи како уредник и директор на издавачката куќа „Македонска книга“.

Еден од најемотивните сегменти од неговиот живот е поврзан со партизанката Вера Јоциќ, која загинува во 1944 година. Нејзината трагична судбина го инспирира Шопов да ја напише антологиската песна „Очи“, која останува симбол на љубовта, жртвата и човечката болка во македонската поезија.

Очи

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никогаш нема да стивнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село,
кај борците беа во дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека,
а ние сме малку – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со луњени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи!–
Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи часкум челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
но гореа очи под веѓите густи!

Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
a секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Во 1971 година, Шопов е именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, каде престојот значително влијае врз неговото творештво. Тогаш ја создава збирката „Песна на црната жена“ и го преведува сенегалскиот поет и претседател Леополд Седар Сенгор, кој подоцна станува лауреат на Струшките вечери на поезијата.

Шопов се смета за еден од основоположниците на современата македонска поезија. Неговата збирка „Песни“ од 1944 година е меѓу првите дела објавени на современ македонски јазик, додека „Слеј се со тишината“ и „Јус-универзум“ претставуваат значајни исчекори во развојот на поетскиот израз. Неговиот препев на „Хамлет“ од Вилијам Шекспир се смета за едно од највредните достигнувања во македонската преведувачка традиција.

Како еден од првите членови на МАНУ, избран во 1967 година, Шопов е добитник на бројни признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“.

Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија денес ја доделува наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга, продолжувајќи го сеќавањето на поетот кој ја внесе македонската лирика во современите светски текови.

Може да ве интересира