Одбраната на Дејан Јованов – Деко, сопственик на кабарето „Пулс“ и првообвинет во случајот за кочанската трагедија, побара од судот да му биде укинат затворскиот притвор и да му се одреди куќен притвор, повикувајќи се на сериозно влошена здравствена состојба.
Адвокатката Ивана Коцевска изјави дека обвинетиот бил донесен на денешното рочиште директно од болнички услови, со отворена рана по неодамнешен оперативен зафат. Таа нагласи дека неговото лекување во затворски услови е несоодветно и може да предизвика сериозни последици по здравјето.
Импровизираното третирање во затвор претставува ризик за неговата состојба. Ова ги надминува границите на хуман третман. Бараме мерката притвор да биде заменета со куќен притвор, особено имајќи предвид дека се применува селективно, само кај дел од обвинетите, иако Дејан е во најлоша здравствена состојба, истакна Коцевска.
Судијката Дијана Груевска Илиевски посочи дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот и дека по негова согласност тој бил опериран во петокот. Според неа, лекарите препорачале тридневно мирување, кое веќе поминало.
Обвинетиот е донесен на судење согласно медицинските препораки. Немаме информации од затворскиот лекар за дополнителни компликации и постапуваме врз основа на тие податоци, изјави судијката.
Од Јавното обвинителство информираа дека ги разгледуваат наводите на одбраната и медицинската документација, по што ќе одлучат дали ќе се произнесат за барањето на денешната расправа или дополнително во писмена форма.
Ова не е прво барање на одбраната за олеснување на мерките. Претходно беше побарано Јованов да биде преместен од затворот во Куманово во истражниот затвор во Шутка, поради наводи за нечовечко постапување, но судот го одби тоа барање.
Од Управата на затворот во Куманово ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека на 26 февруари 2026 година бил извршен разговор со притворениот, при што тој не пријавил проблеми со службениците. Како забелешки, Јованов посочил само чести претреси и побарал замена на душекот.

