Евгенија Станкоска, член на Централниот комитет на Левица и раководител на Центарот за меѓународна соработка, присуствуваше на конгресот на шведската Лева партија (Vänsterpartiet) , кој се одржа во Еребро, во пресрет на изборите закажани за септември, кои ќе опфатат парламентарни, регионални и локални избори.
Конгресот, одржан под слоганот „На ваша страна“, претставуваше значаен политички настан на кој беа усвоени клучните програмски определби, стратешките цели и насоки за претстојниот изборен циклус. Делегатите ја реизбраа актуелната лидерка Нуши Дадгостар, потврдувајќи ја довербата во нејзиното раководство.
Во фокусот на конгресот беа економските и социјалните прашања поврзани со животниот стандард на граѓаните, при што беа разгледани политики за ограничување на кириите, зајакнување на јавното здравство, подобрување на социјалната заштита, како и мерки за справување со инфлацијата и растечките трошоци за живот.
За време на конгресот, Станкоска оствари средби со европратеници и претставници на германската Ди Линке, норвешката Социјалистичка лева партија , како и со Демократските социјалисти од САД, при што биле разменети искуства и отворени можности за понатамошна соработка.
Од Левица посочуваат дека ваквите контакти ја потврдуваат разликата во пристапот меѓу левите и десните политички сили, нагласувајќи дека левицата гради партнерства врз солидарност и меѓусебно почитување. Присуството на партијата на конгресот, како што наведуваат, е дел од континуираните напори за зајакнување на меѓународната соработка и поврзување со сродни политички субјекти.

