Георгиев на слобода: Апелација ја уважи жалбата, екс врховниот судија излегува во јули

Поранешниот врховен судија Наќе Георгиев ќе излезе на слобода во јули, откако Апелацискиот суд ја уважил неговата жалба за предвремено ослободување од издржување на затворската казна. Одлуката следува по претходно изречената казна од три години затвор, од кои Георгиев веќе има одлежано околу две години.

Според информациите, Георгиев првично поднел барање до Кривичниот суд, повикувајќи се на тоа дека има издржано повеќе од половина од казната, како и на влошена здравствена состојба која, како што навел, не може соодветно да се третира во затворски услови. Во барањето биле наведени и аргументи за неговото примерно однесување за време на издржувањето на казната.

Кривичниот суд ја прифатил молбата и одлучил Георгиев да биде ослободен од септември годинава, но тој поднел жалба до Апелација, барајќи порано ослободување. Во жалбата, дополнително истакнал дека неговата возраст од 63 години и здравствените проблеми не биле доволно земени предвид во првостепената одлука.

Апелацискиот суд ја прифатил жалбата и донел одлука Георгиев да биде пуштен на слобода веќе во јули, со што остатокот од казната ќе го издржува на слобода до нејзиното истекување во мај 2027 година.

Во текот на издржувањето на казната, Георгиев делумно користел и погодности, при што од мај минатата година бил ангажиран како магационер, излегувајќи преку ден, а враќајќи се во затвор во вечерните часови.

Покрај него, во истиот случај беше инволвиран и тогашниот член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, кој се спогоди за условна казна од една година. Истовремено, Боро Стојчев беше осуден на пет години и три месеци затвор за кривично дело поврзано со трговија со наркотични дроги, извршено во соработка со повеќе лица.

Може да ве интересира