Граѓанските иницијативи Спас за Прилеп и Зелена Народна Стража предупредуваат дека активностите поврзани со минирање во близина на Прилеп претставуваат сериозна закана за водоснабдувањето и здравјето на населението.
Во видео-објава на социјалните мрежи, тие тврдат дека ваквите зафати директно ги загрозуваат изворите од кои со вода се снабдуваат Прилеп и околните населени места, посочувајќи дека регионот и онака со години се соочува со проблеми со водоснабдувањето.
Иницијативите ги отфрлаат наводите дека станува збор за изолиран отпор од мала група жители, нагласувајќи дека постои реален ризик за илјадници граѓани. Воедно, тие бараат јавно објавување на сите мерења и анализи за загадување и бучава, тврдејќи дека досега такви податоци не се презентирани пред јавноста.
Критики се упатени и кон медиуми, меѓу кои и провладината Алфа ТВ, за кои велат дека шират дезинформации и создаваат конфузија околу случајот.
Активистите ја проблематизираат и улогата на компанијата Бехтел и Енка, тврдејќи дека се користат значителни количини експлозив при минирањата, што, според нив, веќе предизвикало штети на објекти во близина. Тие прашуваат и зошто не е искористен материјал од постојните каменоломи, туку се вршат нови ископи во чувствителни подрачја.
Дополнително, се отвора прашањето за транспарентноста на договорите и можните финансиски импликации, вклучително и потенцијални пенали, за кои, како што велат, нема јавно достапни информации.
Иницијативите потсетуваат дека граѓаните со месеци протестирале против ваквите активности и ги повикуваат институциите на поголема одговорност и транспарентност, оценувајќи дека станува збор за прашање од јавен интерес и безбедност.

