Тодоровски: Патување на Исток!

  • Пишува: Дарко Тодоровски

Слично на херојот во романот “Патување на Запад” на големиот кинески писател Ву Ченген, јас започнав возбудливо “Патување на Исток” во потрага на нови знаења и размена на искуства, стекнување на нови пријателства и духовно просветлување. Ова беше уште една посета на Кина за мене, но оваа посета беше специјална, бидејќи бев учесник на Семинарот за елитни дипломатски и надворешни работи во рамките на Глобалната иницијатива за развој, во организација на Академијата за меѓународни деловни службеници (AIBO).

Од моментот кога излегов од авионот во Пекинг и стапнав на територијата на AIBO ме обзеде топлина но и чувство на гордост. Како резултат на кинеското гостопримство се чувствував како да се враќам дома.

Постои една кинеска поговорка: “Планините не можат да се сретнат, но луѓето можат. Големите географски растојанија не можат да ги разделат луѓето кога постои меѓусебна блискост.”

Цело време чувствував позитивна енергија од пријателството со учесниците од другите држави, вработените и волонтерите во AIBO. AIBO е лулка на идеи, место каде што луѓето од различни држави се среќаваат и започнуваат заедничко патување за изградба на подобар свет. Место каде што слушањето говор на различни јазици е уникатно искуство, кое му овозможува на човек да го почувствува богатството на човечката култура и разновидноста на звуците. AIBO е местото каде срцата на учесниците од десетина различни држави чукаат како едно.

Жедни за нови знаења и искуства, ние внимателно ги слушавме лекциите на поранешните амбасадори и професори за историјата на Кина, за импресивната модернизација на НР Кина, за принципите на дипломатијата и за дипломатските преговори, за Џоу Енлаи – човекот епоха и за неговата величината и значење за Кина но и за светската дипломатија, за концептот “Заедницата со заедничка иднина за човештвото” и за иницијативата “Појас и пат” кои што се во основата на кинеската надворешна политика.

Во текот на деновите поминати во Пекинг, Хуајан, Шангај слушавме многу инспиративни приказни од учесниците на форумот, односно In varietate concordia на дело. Заедничката визија на сите учесници е да поттикнуваме меѓусебно учење и да промовираме заеднички развој на рамноправна основа.

Како што кинеските брзи возови поврзуваат разни градови и носат со себе просперитет и развој, така и ние, учесниците на семинарот градиме патишта за успешна соработка помеѓу нашите држави. Заедничкото искачување на Големиот Кинески ѕид не сплоти, посетата на Хуајан и родната куќа и музејот на големиот кинески државник и дипломат Џоу Енлаи ни овозможува да останеме цврсто посветени на нашите идеи и идеали, музејот на Комунистичката партија на Кина ја раскажува приказната за Големото обединување на кинеската нација под водство на Кинеската комунистичка партија, а посетата на космополитскиот Шангај ни покажува дека богатството е во различноста и во соработката. Шангај е место каде што Кина гордо и самоуверено гледа кон небото.

Денес, во услови на глобални турбуленции, повеќе од кога било потребно е да се придржуваме до Петте принципи на мирен соживот, формулирани од кинескиот премиер и министер за надворешни работи Џоу Енлаи во 1954 година. Овие бесмртни принципи вклучуваат меѓусебно почитување на суверенитетот, неагресија, немешање во внатрешните работи, еднаквост и взаемна корист и мирен соживот, дефинирајќи го стремежот кон мултиполарност и развој. Џоу Енлај беше дипломат познат по својот прагматичен и помирувачки пристап, познат по тоа што се залагаше за „барање заедничка основа, а истовремено оставање на разликите настрана“.

Постои една кинеска поговорка која вели: „Ако сакаш да одиш брзо, оди сам; ако сакаш да одиш далеку, одете заедно.“ Затоа, сите заедно, да изградиме глобална заедница со заедничка иднина – иднина без ниту една земја да биде запоставена, кон заеднички и просперитетен развој, иднина што е глобално инклузивна и корисна за сите земји. Заедно да создадеме „градина“ каде што можат да цветаат сите цвеќиња на светските цивилизации.“

Напред за AIBO кој што на учесниците им подарува свет и знаења за да го промениме светот на подобро. Напред за Кина што чекори гордо со високо кренато знаме на “Заедницата со заедничка иднина за човештвото.”

Ви благодарам за се, AIBO и Кина!