Сточарството во сериозна криза: Илјадници грла добиток исчезнати во една деценија

Македонските штали и трла се сè попразни, а сточарството во земјава бележи континуиран пад кој трае повеќе од една деценија. Најновите податоци покажуваат дека трендот не само што не запира, туку дополнително се продлабочува, особено кај овците и говедата, кои традиционално се основа на домашното сточарско производство.

Според статистиките, само во последната година бројот на овци е намален за над 10 отсто, што претставува еден од најголемите годишни падови во поновата историја. Сличен, но помал пад се бележи и кај говедата, каде што бројот во 2025 година изнесувал 142.715 грла, што е намалување од 0,9 проценти во однос на претходната година. Намалувањето е особено изразено кај малите индивидуални земјоделски стопанства, што укажува на постепено исчезнување на малите производители.

Кај овчарството трендот е уште поизразен. Вкупниот број овци се намалил за 9,2 проценти и сега изнесува 469.320 грла. Во споредба со ова, свињарството бележи значителен раст, бројот на свињи достигнал 212.842, што претставува зголемување од 18,5 проценти на годишно ниво. Најголем раст има кај индивидуалните фарми, каде зголемувањето достигнува дури 35,4 проценти.

Позитивни движења се забележуваат и кај козарството. Бројот на кози пораснал за 3,2 проценти и достигнал 101.007 грла. Овој сектор се смета за поотпорен и пофлексибилен, особено во руралните и планинските региони, поради пониските трошоци за одгледување и растечката побарувачка за козји производи.

За разлика од тоа, живинарството се соочува со пад од 10,6 проценти, што се поврзува со зголемените трошоци за храна, енергенси и пазарните притисоци.

Експертите посочуваат дека причините за ваквите движења се комплексни. Еден од главните фактори е иселувањето од руралните средини и стареењето на населението, при што младите сè помалку се одлучуваат да се занимаваат со сточарство. Дополнително, ниската профитабилност, високите трошоци за производство и нестабилните откупни цени ја намалуваат мотивацијата за одржување на фармите.

Значајна улога има и зголемениот увоз на месо и млечни производи, кој ја намалува конкурентноста на домашното производство. Климатските промени, сушите и намалените пасишта дополнително ја влошуваат состојбата и го прават сточарството сè потешко одржливо.

Паралелно со падот на бројот на грла, се менува и структурата на секторот. Малите семејни фарми постепено исчезнуваат, додека поголемите производствени системи добиваат сè поголемо учество. Сепак, оваа трансформација не е доволна да го надомести општиот пад на сточарскиот фонд.

Експертите предупредуваат дека без долгорочна стратегија за поддршка на сточарството, трендот на намалување ќе продолжи. Потребни се мерки за задржување на младите во руралните средини, зголемување на профитабилноста и стабилен пласман на домашните производи, во спротивно земјата ризикува дополнително да ја зголеми зависноста од увоз и да ја изгуби традиционалната сточарска основа.

Може да ве интересира