Прогресивните лидери во Барселона со заедничка порака против крајната десница

Барселона денеска и утре е домаќин на два големи меѓународни собири на прогресивни лидери, партии, синдикати и активисти, на кои главна порака е дека растот на крајната десница не е неизбежен и дека демократијата мора повторно да стане заедничка политичка агенда.

Шпанскиот град станува центар на нов обид за глобално поврзување на левицата, при што настаните ги предводат шпанскиот премиер Педро Санчез и бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Целта на собирите е испраќање порака дека постои политичка алтернатива на зајакнувањето на екстремната десница во повеќе земји.

Првиот настан, „Глобална прогресивна мобилизација“, има за цел да ги обедини левичарските партии и движења околу клучни приоритети, меѓу кои заштитата на демократијата, зајакнувањето на мултилатерализмот и забрзување на зелената транзиција. Организаторите најавуваат дека собирот ќе заврши со заедничка декларација за понатамошна координација и политичко делување.

Вториот собир, „Во одбрана на демократијата“, претставува четврта ваква средба откако иницијативата беше покрената во 2024 година од Шпанија, Бразил и други прогресивни влади, како реакција на растот на екстремната десница и засилените притисоци врз демократските институции.

На настаните во Барселона се очекува присуство и на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум. Според Ројтерс, ова ќе биде прва посета на мексикански претседател на Шпанија од 2018 година, по подолг период на затегнати односи поврзани со наследството од колонијалната ера.

Премиерот Санчез порача дека прогресивните движења мора да покажат дека се дел од поширока меѓународна агенда која ги надминува националните политички рамки. Дополнителна политичка тежина на собирот дава и поранешната изборна динамика во Унгарија, која Санчез ја посочи како пример дека екстремната десница може да биде запрена.

Според најавите, на вториот собир се очекуваат околу 3.000 учесници, меѓу кои актуелни и поранешни шефови на држави, стотици градоначалници, претставници на синдикати, активисти и политички партии.

Главниот секретар на Партијата на европските социјалисти, Џакомо Филибек, оцени дека радикалните политички сили активно поддржуваат екстремно десничарски движења во повеќе земји, нагласувајќи дека левицата мора јасно да понуди алтернативна политичка насока.

Може да ве интересира