Кривична пријава против вработен во Управата за имотно-правни работи: Злоупотреба на службена положба и фалсификување документи за приватизација на државно земјиште

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против 45-годишен кумановец со иницијали Р.А., поради сомнение дека сторил повеќе кривични дела, меѓу кои „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување или уништување деловни книги“ и „фалсификување исправа“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавениот, како вработен во Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи, во Подрачното одделение во Куманово, овозможил донесување и спроведување решенија за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост на лица со иницијали Д.Б. и Н.А.А.

Со ваквото постапување, како што се наведува, директно била нарушена законитоста на управната постапка, при што било овозможено стекнување на државен имот без правен основ.

Истрагата утврдила низа неправилности во предметите, меѓу кои недозволена промена на идентитетот на подносителите, односно издавање решенија на лица кои не биле заведени во службените книги. Дополнително, предметите не биле соодветно евидентирани, содржеле контрадикторни податоци, а дел од документацијата недостасувала, што отвора сомнеж за нејзино прикривање или уништување.

Во дел од решенијата биле наведени непостоечки записници, внесувани биле невистинити податоци, а не било известено ниту Државното правобранителство, иако тоа е законска обврска.

Со ваквите дејствија, според МВР, била сериозно нарушена законитоста на постапките и овозможено противправно стекнување на државен имот.

Може да ве интересира