Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е осуден на казна затвор од една година и три месеци, откако склучил спогодба со Обвинителството за кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Спогодбата била разгледана и прифатена од Основен кривичен суд Скопје, кој утврдил дека се исполнети законските услови за нејзино верификување.
Од Судот информираат дека одлуката станала правосилна веднаш, со оглед дека странките немаат право на жалба. Осудениот веќе е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на изречената казна.
Случајот се однесува на влијание врз судија од Апелациониот суд, Ѓоко Ристов, во врска со предметот против Љупчо Пецов, познат како „Ѓаволот“. Според пресудата, Стафа во периодот од октомври до декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да влијае врз судска одлука.
Обвинетиот побарал вкупно 100.000 евра за да обезбеди укинување или замена со поблага мерка за осомничениот Пецов. Притоа, на 6 октомври 2025 година биле примени 30.000 евра преку посредник, додека на 13 декември истата година директно биле примени уште 20.000 евра. По приемот на парите, Стафа бил затекнат од полициски службеници.
Судот утврдил дека со овие дејствија обвинетиот го сторил кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, по што му изрече затворска казна во траење од една година и три месеци. Во казната му се засметува и времето поминато во притвор од декември 2025 година до правосилноста на пресудата.

