Блупринт групата се жали за нетранспарентност на Судскиот совет

Блупринт групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост поради одлуката на Судскиот совет да ја исклучи јавноста при одлучувањето по барање за повторување на постапка врз основа на пресуда на Европскиот суд за човекови права.

Во својата реакција, од групата оценуваат дека ваквата практика претставува отстапување од принципите на транспарентност и отчетност. Посочуваат дека, иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретниот случај има поинаква правна природа и претставува прашање од јавен интерес.

Дополнително, тие истакнуваат дека одлуките за разрешување, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права, се јавно објавени, поради што, како што велат, нема оправдани причини јавноста да биде исклучена во оваа фаза од постапката.

Од групата предупредуваат дека во демократско општество транспарентноста е клучен предуслов за доверба во институциите. Според нив, одлучувањето на Судскиот совет за прашања поврзани со имплементација на пресуди на Европскиот суд за човекови права без присуство на јавноста ја доведува во прашање правната сигурност и ја нарушува довербата во институцијата.

Воедно, потсетуваат дека ваквото постапување е спротивно на препораките на Оценската мисија на Европската унија, како и на Комуникациската стратегија на Судскиот совет и на заложбите за реформи и унапредување на јавната доверба во судството.

Блупринт групата апелира до Судскиот совет да обезбеди поголема отвореност кон јавноста и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото, оценувајќи дека доследното почитување на процедурите и принципот на јавност се клучни за градење независно и кредибилно правосудство.

Може да ве интересира