Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на начинот на кој Собранието на Република Македонија ја спроведува постапката за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, обвинувајќи за нетранспарентност и прекршување на законските процедури.
Според нивната реакција, на веб-страницата на Собранието е објавен дневен ред за седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која е предвидена јавна расправа за утврдување предлог-листа на кандидати. Кандидатите треба да се претстават пред Комисијата во 11 часот, по што веќе истиот ден, во 14 часот, треба да биде утврден предлогот за избор.
Сепак, од Мрежата посочуваат дека на листата на пријавени кандидати не се најдени имињата на две кандидатки предложени од граѓанскиот сектор, и покрај тоа што, како што тврдат, нивните пријави биле уредно доставени.
„Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата е должна да утврди предлог-листа од сите пријавени кандидати по спроведена јавна расправа и да достави извештај до Собранието. Оттука, се поставува прашањето каде се овие две пријави“, реагираат од Мрежата.
Тие предупредуваат дека ваквите постапки оставаат сомнеж за селективност и можни однапред донесени одлуки, што е спротивно на принципите на транспарентност, еднаков третман и почитување на демократските процедури.
Од Мрежата нагласуваат дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е клучна институција за заштита на човековите права, поради што изборот на нејзините членови мора да биде кредибилен и да влева доверба во јавноста.
Тие бараат од Комисијата за избори и именувања итно да објасни врз основа на што е ограничено правото на кандидатките да учествуваат во постапката, како и дали има и други кандидати кои биле изоставени и покрај исполнување на законските услови.
Воедно, упатуваат повик до Собранието јавно да одговори која е целта на законските процедури, доколку тие не се применуваат доследно во рамки на институцијата.

