Веќе два месеци дел од пациентите на Онкологија се соочуваат со недостиг на клучна терапија, откако три важни лекови, Палбоциклиб, Фазлодекс и Николумаб, не се достапни во здравствениот систем. Станува збор за медикаменти што се користат во современото лекување на малигни заболувања, од кои два се наменети за специфичен тип на рак на дојка, додека третиот се применува како имунотерапија кај повеќе видови карцином.
Според медицинските експерти, ваквото доцнење претставува сериозен ризик за пациентите, бидејќи прекинот на терапијата може да доведе до напредување на болеста и влошување на здравствената состојба.
Реакции за недостигот на лекови веќе подолг период пристигнуваат од пациентите, особено преку социјалните мрежи, каде што тие бараат итно обезбедување на терапијата. Дел од нив сведочат дека биле враќани од клиника поради недостиг на лекови, додека други посочуваат дека со недели чекаат информации кога ќе им биде достапна потребната терапија.
Од здруженијата на онколошки пациенти, пак, неодамна побараа итна реакција од надлежните институции и обезбедување на потребната терапија за сите пациенти без одлагање.

