На 16 април 1945 година, на Третото заседание на АСНОМ, била избрана првата Влада на Македонија, со што започнува институционалното оформување на извршната власт во државата.
Со нејзиното формирање, Владата ги презела извршните надлежности од Президиумот на АСНОМ, а како клучни приоритети биле поставени политичката, економската и културно-образовната обнова на тогашната Народна Република Македонија.
На чело на владата бил Лазар Колишевски како претседател, додека функцијата прв потпретседател и министер за финансии ја извршувал Љупчо Арсов, а втор потпретседател бил Абдураим Мехмед.
Во владата членувале и министрите Кирил Петрушев (внатрешни работи), Никола Минчев (просвета), Павел Шатев (правосудство), Страхил Гигов (индустрија и рударство), Тоде Ношпал (трговија и снабдување), Богоја Фотев (земјоделство и шумарство), Вукашин Попадиќ (народно здравје), Неџат Аголи (социјална политика) и Георги Василев (градежништво).
Формирањето на првата влада претставува значаен историски чекор во конституирањето на македонската државност и воспоставувањето на институциите по Втората светска војна.

