Левица обвинува за „редизајн“ наместо реставрација во Старата скопска чаршија

Од Левица – Сектор Култура обвинуваат дека најавената реконструкција на улиците во Старата скопска чаршија отвора сериозни дилеми дали станува збор за вистинска реставрација или за редизајн што го нарушува автентичниот изглед на просторот.

Реакцијата доаѓа по најавата за почеток на градежните активности од страна на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити. Од партијата посочуваат дека честите интервенции во релативно краток период упатуваат на можни пропусти во претходните зафати или на отсуство на долгорочна стратегија за заштита на културното наследство.

Особено спорно, според Левица, е поставувањето на травертин како замена за традиционалната калдрма. Тие оценуваат дека калдрмата не е само градежен материјал, туку дел од историскиот контекст и занаетчиската традиција, а нејзината замена со индустриски обработен камен претставува „естетска симулација“, наместо вистинска конзервација.

Од Сектор Култура додаваат дека ваквите интервенции се дел од поширок тренд на урбанистички зафати без широка јавна дебата, при што како пример го наведуваат Плоштад Скендербег, за кој велат дека веќе покажал како несоодветниот дизајн може да го наруши културниот контекст на чаршијата.

Тие прашуваат дали актуелните активности претставуваат инвестиција во зачувување на културното наследство или постепено бришење на неговата автентичност под превезот на модернизација, оценувајќи дека ваквиот пристап може да има долгорочни последици врз историскиот идентитет на Скопје.

Може да ве интересира