Културните работници најавуваат нови чекори: Можно обраќање до Стразбур ако се укине Колективниот договор

Културните работници ќе ги искористат сите расположливи механизми за да спречат евентуално укинување на Колективниот договор, а доколку сепак дојде до таква одлука, правдата ќе ја бараат и пред Европски суд за човекови права во Стразбур. Ова го изјави претседателката на Синдикатот на културните работници (СКРМ), Вера Атанасовска, по денешниот протест во Скопје.

Атанасовска нагласи дека приоритет на синдикатот е да не се дозволи Уставен суд да го укине Колективниот договор за култура, оценувајќи дека тоа би имало сериозни последици врз правата на вработените.

Според неа, евентуалното укинување би претставувало преседан, не само во земјата туку и пошироко во европски контекст.

Таа предупреди дека ваквата одлука би можела да создаде и правен вакуум, во кој вработените во културата би се соочиле со неизвесност околу исплатата на платите и остварувањето на основните работнички права.

Во однос на постапката пред Уставниот суд, Атанасовска изрази сомнеж во конзистентноста на институцијата, потсетувајќи дека истиот договор веќе двапати бил оспоруван, но и потврден како уставен и законски.

„Сега, по промената на власта, гледаме промена во реториката и аргументацијата, што отвора сомнежи дека во позадина има други причини“, рече таа.

Атанасовска изрази очекување дека судот ќе донесе одлука врз основа на правото и претходната пракса.

Доколку сепак дојде до укинување на Колективниот договор, Синдикатот најавува дека ќе ги исцрпи сите правни можности на домашно ниво, по што ќе се обрати до Европскиот суд за човекови права.

„По одлука на Уставниот суд, единствена можност ни останува Стразбур. Таму ќе ја бараме правдата, имајќи предвид дека веќе постои пресуда во сличен случај“, нагласи Атанасовска.

Културните работници најавуваат дека нивната борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди целосна заштита на нивните права и зачувување на Колективниот договор.

Може да ве интересира