Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа парични казни во вкупен износ од над 19 илјади евра во денарска противвредност, во рамки на 1221 вонредни контроли спроведени пред Велигденските празници. Во акциите биле уништени повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло.
Дополнително, на депонијата Дрисла биле нештетно уништени и повеќе од 40 тони небезбедни јајца со потекло од соседна Србија, кои биле спречени да влезат во земјава преку нелегални канали.
При контролите биле утврдени бројни недоследности, меѓу кои пласирање храна со поминат рок на траење, употреба на замрзнато месо (триминг) во подготовка на производи од месо, како и несоодветно означување на производите. За овие прекршоци, инспекторите донеле 35 решенија за отстранување на неправилностите, а изречени биле и шест опомени.
Контролите, насочени кон сите сегменти од синџирот на храна со цел заштита на граѓаните и спречување нелегална трговија, покажале и дека седум објекти воопшто не биле регистрирани како оператори со храна. Кај три оператори било утврдено дека не се извршени задолжителни здравствени прегледи на вработените, ниту се исполнети условите за соодветна стручна подготовка, додека кај 13 оператори биле констатирани незадоволителни хигиенски и технички услови за работа.

