Студентите денес во 12 часот ќе протестираат пред Народната банка, изразувајќи незадоволство од оданочувањето на заработката стекната преку програмата „Work & Travel“. Според најавата објавена на социјалните мрежи, протестот е предвидено да трае два часа.
Во описот на настанот се наведува дека главната причина за протестот е законот за оданочување на студентите кои работеле во Германија и САД, при што тие реагираат на решенијата за плаќање данок кој, како што велат, веќе бил платен во странство.
Претходно, на 2 април, одржана е средба помеѓу Управата за јавни приходи и претставници на Универзитетското студентско собрание при УКИМ. Од УЈП информираа дека на средбата се разговарало за организирање обуки со цел студентите да бидат подобро информирани за нивните права и обврски поврзани со работата во странство преку оваа програма.

