Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, обвини за сериозни незаконски постапувања во Министерството за одбрана, посочувајќи дека правата на припадниците на Армијата системски се прекршуваат, а состојбата е значително влошена.
Според Насковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски сторил три клучни прекршувања на законите. Првото се однесува на недонесувањето на Планот за преземање и распоредување на професионалните војници во законски предвидениот рок. Како што истакнува, овој план требало да биде донесен најдоцна до 31 декември за наредната година, а неговото непочитување повлекува и финансиска санкција. Синдикатот, како што додава, за првпат не го добил овој документ откако постои ваква законска обврска.
Второто обвинување се однесува на утврдена индиректна дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, поврзана со нетрансформирањето на договорите од определено во неопределено време. И покрај донесеното мислење во јули 2025 година, Министерството, според синдикатот, не постапило по препораките ниту по истекот на законскиот рок, со што дискриминацијата продолжува да трае и да предизвикува штети.
Како трет проблем, Насковски посочува дека ниту еден професионален војник не добил трансформација на работниот однос, иако тоа е законска обврска, што директно засега повеќе од 2.000 припадници на Армијата.
Синдикатот веќе поднел барање до Државниот инспекторат за труд за спроведување инспекциски надзор и изрекување санкции против Министерството за одбрана. Според нивните пресметки, за трите прекршувања се предвидени казни во износ од 18.600 до 19.000 евра, но предупредуваат дека сумата може значително да порасне доколку секој засегнат војник поднесе поединечна пријава.
Насковски оценува дека дискриминацијата врз професионалните војници трае со децении и остава сериозни последици врз нивната егзистенција, обвинувајќи дека реалната состојба се прикрива зад „лажна ПР кампања“.
Од Независниот синдикат најавуваат дека ова е само дел од, како што велат, незаконските постапувања и дека во наредниот период ќе објават нови информации и докази за состојбата во Армијата.

