Тренчевски: Македонија со африканско сценарио ќе отвора рудници

  • Став на Златко Тренчевски дипломиран Металуршки Инженер

Пред два дена Премиерот Мицковски помпезно обзнани „радосна вест‘‘ дека во Кривопаланечко ќе се копа руда која содржи антимон во соработка со стратешки партнер. Да видиме зошто оваа вест е важна за Македонија. Проценето е со геолошки извештај изработе во 1984 дека Крстов Дол има капацитет од 2,9 милиони тони Антимонова руда.

Последниве години потребата од антимон во светот е нагло зголемена поради две причини. Првата е дека најголемиот производител на антимон во светот Кина го ограничи неговиот извоз ставајки го во групата на стратешки суровини а тоа го стори ЕУ, САД и многу други држави (но не и ние), а втората причина е дека со новите истражувања стана незаменлив во повеќе индустрии. Како стана Македонија некој фактор во трката за антимон? Не затоа што имаме развиена индустрија погоре спомената туку затоа што имаме наоѓалишта на антимон. Ајде да видиме како е постапката за добивање на антимон од руда.

За добивање на антимон во чиста форма се применуваат повеќе металуршки постапки од кои најважна е постапката флотација со која се добива концентрат од антимон. Е сега тука лежи ,,кваката“, како што знае да каже еден наш пратеник.

После флотацијата се создава енормна количина на отпад (јаловина) во која има високотоксични и канцерогени елементи арсен и антимон, кои ако дојдат во контакт со почвата автоматски ќе ги затрујат и подземните води во поширокиот регион а не само во Крива Паланка. Најскапиот дел од целиот процес е справувањето со оваа јаловина поради пропишаните постапки за нејзинио одлагање, складирање и неутрализирање. Дали тоа ќе се примени и кај нас? Нашето досегашно искуство ни го пали црвениот аларм дека после исцрпувањето на рудникот и откако концесионерот ќе си отиде, нас ќе ни остане една темпирана бомба која ќе биде децениска закана за поголемиот регион. Тоа е од еколошкиот аспект на процесот.

Ајде сега да ги погледнеме финансискиот аспект.

Моменталната цена на Антимон се движи околу 50.000 евра/тон. Оваа цена е неколку пати повисока само за неколку години и со тенденција за постојан раст. Дали е распишан тендер за најповолен концесионер кој треба да врши екстракција? Дали финалното топење и изградба на фабриката ќе биде во Македонија или во САД со која ќе се добие чист Антимон а со тоа повисока продажна цена? Дали ќе бидат вкалкулирани трошоците за справување со канцерогената јаловина наредниве децении? Дали знаеме колку изнесува концесијата и под кои услови е доделена (види -Бехтел и Енка) Зошто американската влада дава 5 милиони долари на австралиска компанија на сопственик со потекло од Македонија за испитување на теренот а не на македонската влада? Зошто е толку важен овој ископ штом толкава делегација од Македонија отиде во Вашингтон? Многу прашања на кои одговорите почнуваат да ми го активират сетилото за мирис, секако во негативен контекст.

Да го видиме сега политичкиот аспект.

Што добива Македонија со потпишување на оваа концесија? Не слушнавме до сега кој е нашиот бенефит од стратешкиот партнер со оваа зделка. Финансиски сме во загуба значи мора да има нешто друго во прашање. Познавајќи го бекграондот на сегашнава влада не гледам капацитет за добар пазар за Македонија. Мене ми наликува дека некој знае некои работи за некого и сега дојде времето за плаќање. Лошото е што сметката ќе треба да ја плати овој сиромашен народ кој уште има трпение за неправдата која му ја прават двете партии повеќе од три децении. Не смееме да ја занемариме важноста на овој таен проект, насетувам голема афера.