- Став на Емил Јанчески
Наративот дека „Унгарија конечно победила“ по падот на Орбан е политички плиток и аналитички неодржлив. Во него, една смена на власт автоматски се претставува како демократски напредок, без да се постави клучното прашање: во чија корист доаѓа новата власт и каква политичка, економска и геополитичка агенда носи со себе? Токму тука лежи суштината на проблемот. Падот на една владејачка структура не значи сам по себе победа на народот, ниту пак демократско ослободување, ако на нејзино место доаѓа политичка гарнитура уште подлабоко усогласена со Брисел, НАТО и глобалниот капитал.
Демократијата не се исцрпува со чинот на гласање. Едни избори, сами по себе, не ја прават државата подемократска, ако резултатот од нив е дополнително стеснување на суверенитетот, поголема надворешна зависност и поотворено потчинување на општеството на интересите на крупниот капитал. Буржоаскиот политички систем често ја претставува смената на лица како смена на суштина, а токму тоа денес се обидуваат да го продадат и во унгарскиот случај. Орбановата власт не беше ниту народна, ниту социјалистичка, ниту модел за системска еманципација. Но, либералната еуфорија околу нејзиниот пад свесно го премолчува фактот дека она што доаѓа не е алтернатива во интерес на работните луѓе, туку можно зацврстување на една поагресивна евроатлантска и неолиберална линија.
Токму затоа славењето на либералните кругови, вклучително и на делови од т.н. империјалистичка левица, е симптом на подлабок политички проблем: целосен недостаток на органска класна свест и прифаќање на геополитичките координати на западниот блок како нешто природно и пожелно. За тие кругови, секоја власт што покажува барем делумна резервираност кон воената ескалација во Украина е автоматски реакционерна, а секоја структура што безусловно се усогласува со Брисел и НАТО се претставува како демократска и прогресивна. Тоа е опасна замена на тези. Прашањето не е дали Орбан бил добар, туку дали неговата смена ќе значи уште поголема интеграција на Унгарија во логиката на воената ескалација, санкциските режими и економската дисциплина наметната од европскиот центар. Ако одговорот е да, тогаш не станува збор за победа на демократијата, туку за победа на атлантистичкиот консензус.
Во таа смисла, не е ирелевантно кој стои околу Петер Маѓар и каква политика носи Тиса. Станува збор за круг луѓе политички и идеолошки подготвени за целосна усогласеност со барањата на Брисел. Навидум малтене техничко прашање, но суптински е прашање со директни социјални и геополитички последици. Отсекување на Унгарија од евтиниот руски гас би значело поскапување на енергенсите и фактичко укинување на ограничувањата на цените на комуналните услуги. Укинувањето на специјалните даноци за мултинационалните компании би значело намалување на товарот за транснационалниот капитал и префрлање на товарот врз домашните семејства и работници. Тоа е класична формула на неолиберално реструктурирање: профитот се штити, а трошокот се социјализира врз народот. Ако на тоа се додаде и безрезервна надворешнополитичка усогласеност со Брисел, тогаш станува јасно дека тука не се подготвува никаква демократска обнова, туку дисциплинирање на државата во рамки на една поширока империјална стратегија.
Последиците од таквиот развој не завршуваат на унгарските граници. За Европа, тоа би значело уште послаби отпори против продлабочувањето на конфликтот со Русија, уште помалку простор за мирољубива и суверена политика, и уште поголема доминација на воено-индустриските интереси врз јавниот живот. За Македонија, пак, тоа значи потесен политички маневарски простор. Секоја држава во Европа што одбиваше целосно да се вгради во бриселскиот диктат, независно од своите ограничувања и противречности, објективно создаваше барем минимален контрабаланс во однос на централизацијата на политичкиот притисок. Со отстранување и на тие остатоци од отпор, малите и зависни држави како Македонија остануваат уште поизложени на уцени, условувања и геополитичко дисциплинирање.
Затоа, падот на Орбан не треба да се чита како победа на народот, мирот или демократијата. Тој може да значи токму спротивното: консолидација на поопасна надворешнополитичка и економска агенда, во која Брисел добива уште поуслужен партнер, НАТО уште поширок простор за ескалација, а глобалниот капитал уште посигурен механизам за префрлање на товарот врз обичниот човек. Во таков развој нема ништо прогресивно. Има само нова форма на потчинување, претставена како ослободување.

