Исмаил: Словенија го прашува народот за излез од НАТО, Македонија ја „уништи државата“ за членство

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, преку објава на социјалните мрежи ја спореди најавата за референдум во Словенија за членството во НАТО со македонскиот пристап кон Алијансата, обвинувајќи дека државата била внесена „без амин од народот“. Тој посочува дека словенечките власти демонстрираат политичка зрелост и транспарентност, бидејќи одлуката за зголемените трошоци за НАТО ја оставаат на граѓаните, додека кај нас, според него, буџетските издвојувања растат на сметка на јавните услуги како студентските домови и здравството.

Словенија ќе организира референдум за излегување од НАТО. Посочената причина од страна на политичките лидери е пример за чесност, политичка зрелост и пред се транспарентност. Имено, јавните функционери на Словенија просто и едноставно кажано, велат вака: НАТО бара од нас 5% од нашето БДП, ние тие средства треба да ги скратиме од другите програми кои се во насока на подобрување на животот на нашите граѓани кои ни даваат легитимитет да управуваме со јавните средства. Следствено, кратењето на ваквите програми мора да биде одобрено од граѓаните, нивно е да одлучат дали, и покрај тоа се согласни да бидат дел од НАТО.

Ние државата ја уништивме за да влеземе во НАТО, и повторно не со амин на народот туку буквално бевме напикани. И сега секоја година буџетот за нато пробива плафон додека студентските домови, болници и други јавни објекти гнијат!

#референдумнато